Објавен јавниот оглас за мерките од Програмата за рурален развој наменети за општините

Дата на објава: 
2 Јули 2018
plate.jpg

Денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој го објави јавниот оглас за мерките од Програмата за рурален развој наменети за општините. Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, ги повика градоначалниците на сите општини да подготват квалитетни проекти и максимално да ги искористат понудените средства.

„Со ефикасно искористување на овие мерки ќе се решат проблемите со комуналната и патната инфраструктура во руралните средини. Наша цел е да обезбедиме достинствен живот за граѓаните од сите општини, да им овозможиме на младите да останат и да работат во своето родно место“, изјави Николовски.

Со цел поголема искористеност на средствата рокот за аплицирање е продолжен на два месеци и трае до 31 август годинава.

Трите мерки од оваа Програма, „Подобрување на квалитетот на живот во рурални средини“, „Обнова и развој на селата“ и „Зачувување и унапредување на традиционалните вредности во руралните подрачја“, нудат можност за низа капитални инвестиции во руралните средини.

Директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Николче Бабовски посочи дека на јавниот повик можат да се пријават Единиците на локаланите самоуправи, Центрите за развој на планските региони, а за мерката 323 „ Зачувување и унапредување на традиционалните вредности во руралните подрачја“ можат да се пријават и Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот како и Јавното претпријатие „Македонски шуми“.

„Барањата за пооделна мерка се доставуваат во оригинален примерок. Еден корисник може да поднесе најмногу 3 поединечни барања по различни мерки земајќи ги во предвид сите мерки од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2018 година. Барателите кои ги исполниле условите за користење на средства за мерките трите мерки (321, 322 и 323) се рангираат со бодување утврдено во Правилникот за поблиски критериуми за избор на корисници по мерките за рурален развој. Барањата со ист број на бодови ќе се рангираат според датумот и времето на поднесување на барањето.Барателите не смеат да започнат со реализација на инвестицијата пред потпишување на Договор за ко-финансирање со Агенцијата“, изјави Бабовски.

Општините имаат можност да подготват проекти за инвестиции во локална патна инфраструктура, мостови, канализациони системи, добиточни пазари, домови за култура во руруалните средини, реконструкција на селски улици, уредување на излетнички места и инфаструктурен пристап до нив, и други инвестиции.