Тече рокот за поднесување барања за субвенциии за млекото предадено во капацитетите од мај до септември годинава

Date of publication: 
8 October 2009

Од 5-ти  октомври  земјоделците можат да поднесуваат барања за субвенционирање на индустриските градинарски култури предадени во преработувачките капацитети, за грозјето предадено во регистрираните домашни винарски визби, за домашно произведениот сертифициран семенски и саден материјал, за произведеното и предадено млеко од мај до септември годинава, како и за одгледани и предадени говеда.

Тече рокот и за аплицирање за финансиска поддршка за гоеници, телиња, набавени приплодни глави говеда, овци, кози, свињи, бројлери и пчелни матици.

 

Крајниот рок за поднесување барања за субвенции за мерките од сточарското производство е 25 октомври, а за растителното 5 ноември.

Барањата се земаат и се поднесуваат во подрачните единици на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. По нивната обработка и одобрување, средствата се префрлаат најдоцна за 24 часа на трансакциска сметка на земјоделецот. Истовремено се врши и контрола на теренот од страна на Државниот инспекторат за земјоделство. Доколку се утврдат неправилности, пари за субвенции нема да има.

 

Од Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој информираат дека веќе се исплатени субвенциите за есенските посеви и за лани предаденото млеко. Во тек е обработката на околу 35.000 апликации за пролетните посеви и предаденото млеко од јануари до април годинава.

 

Од предвидените 70 милиони евра што ги одвои Владата за финансиска поддршка на земјоделството годинава, досега  се исплатени речиси половина. Според проекциите, идната година за поддршка на земјоделството од буџетот  Владата ќе одвои 100 милиони евра.