Шефот на ФАО, исто така, повикува на акција за стимулирање здрава исхрана и намалување на отпадот од храна

Дата на објава: 
17 Мај 2018
jpg

17 мај 2018 година, Вороњеж, Руска Федерација - Постигнување на целта ‘Свет без глад’ во Европа и Централна Азија бара поддршка за малите земјоделски стопанства и семејните фарми во намалување на сиромаштијата и, со оглед на климатските промени, одржливо управување со природните ресурси, истакна Генералниот директор на ФАО, Хозе Грацијано да Силва.

Регионот "постигна значителен напредок" во намалување на неисхранетоста во текот на изминатите години, “но во некои земји гладта е сè уште загрижувачка", рече Грацијано да Силва на отворањето на Регионалната конференција на ФАО за Европа и Централна Азија, која е во тек, на која присуствуваат министри и други високи функционери од 42 земји.

"Постојаната неисхранетост и руралната сиромаштија во Европа и Централна Азија повикуваат на уште поголеми напори ако сакаме да постигнеме Свет без глад до 2030 година", изјави Генералниот директор на ФАО за учесниците на конференцијата.

Гладта бележи пораст во светот во 2016 година, по повеќе од 10 години пад и прелиминарните податоци укажуваат дека, исто така, има дополнително зголемување на преваленцата на недоволна исхранетост во 2017 година, истакна Грацијано да Силва.

Тој посочи на неодамнешните наоди на ФАО кои покажуваат дека 14 милиони луѓе во регионот на Европа и Централна Азија, главно во руралните средини, сè уште се соочуваат со недоволно храна за сите. Меѓу најтешко погодените се Таџикистан, каде што 30 проценти од населението е недоволно исхрането, Молдавија (8,5 отсто), Грузија (7 отсто), Киргистан (6,4 отсто) и Узбекистан (6,3 отсто).

Грацијано да Силва особено ја истакна важноста на работата на ФАО во регионот, за зајакнување на малите земјоделски стопанства и семејните фармери, од аспект на намалување на сиромаштијата, како и за одржливо управување со природните ресурси во услови на климатски промени.

Прекумерна тежина и дебелина
Генералниот директор на ФАО, исто така, истакна дека постигнувањето на Целта за одржлив развој (SDG) бр. 2 значи искоренување на сите форми на неисхранетост, вклучувајќи недостатоци на микронутриенти во исхраната, како и преухранетост.

Сегашната глобална епидемија на прекумерна тежина и дебелина, која е резултат на преголемо консумирање на преработена храна со висока содржина на сол и шеќери, е исто така случај во Европа и Централна Азија, рече Грацијано да Силва, наведувајќи ги Малта, Турција и Обединетото Кралство, каде што околу 29 проценти од населението се соочува со дебелина.

"Земјите треба да се справат со оваа ситуација преку стимулирање здрава исхрана. Националните јавни политики се фундаментални, исхраната е јавно прашање, одговорност на државите ", рече тој, истакнувајќи ја важноста на едукацијата за исхрана, подигнување на свеста, како и прописите за етикетирање и рекламирање.

Климатски промени
Што се однесува до климатските промени - "една од главните пречки во постигнувањето одржлив развој" - Грациано да Силва укажа на "клучната важност да се промовира адаптацијата на системите за храна, особено во однос на сиромашните рурални заедници".

Тој истакна дека Зелениот климатски фонд е еден од најважните механизми сега достапни да ги финансираат одговорите кон климатските промени на земјите во развој, истакна Грацијано да Силва.

ФАО тесно соработува со голем број земји ширум светот кои формално побараа помош од Организацијата за подготовка на проекти за искористување на можностите од Зелениот климатски фонд.

Грацијано да Силва истакна дека ФАО е посветена на истражување на сите пристапи за градење на системи за храна кои можат да обезбедат достапна и здрава храна за сите, истовремено водејќи сметка за заштита на животната средина и биолошката разновидност.

Генералниот директор на ФАО ги поздрави различните активности во Европа за спречување на отпадот од храна, како што се иницијативите за банки за храна и повика на итно намалување на отпадот од храна. Тој истакна дека спречувањето на отпадот од храна може да има позитивни ефекти врз зачувувањето на земјишните и други природни ресурси, особено водата.

Грацијано да Силва пред учесниците на Конференцијата нагласи дека највисоката цел на ФАО е да ги поддржи земјите-членки во постигнувањето на Целта за одржлив развој (SDG) бр. 2 за ставање крај на гладта и сите форми на неисхранетост и промовирање одржлив развој на земјоделството.

Линк до соопштението: http://www.fao.org/news/en/

Контакт

Канцеларија за односи со медиумите на ФАО
(+39) 06 570 53625
[email protected]